Во рок од две години во Европската унија ќе стапи на сила закон со кој ќе се забранат програмираните дефекти на уредите, ќе се олесни нивната поправка и ќе се подобрат ознаките на гаранциите, најави европратеничката Билјана Борзан, известувач за ова прашање.

Европскиот парламент во мај годинава го усвои извештајот на хрватскиот претставник на социјалистите и демократите, во кој, во согласност со целите на зелената транзиција на ЕУ, се повикува на потрајни производи, укинување на програмираното расипување на уредите, проширување на мрежата за нивна поправка и подобрување на ознаките за одржливост на производите. Оваа недела законот успешно ги помина преговорите со Европската комисија и Европскиот совет, а треба да стапи во сила за две години.

Оваа недела, околу една година откако го напишав првиот текст на законот, ги завршивме преговорите. Шпанскиот министер Фуентес од Советот, комесарот Рејндерс пред Комисијата и јас пред Парламентот преговаравме седум часа. Резултатот се значителни промени во делот на правата на потрошувачите и неправедните деловни практики кои ќе го олеснат животот на нашите граѓани и ќе овозможат заштеда – рече Борзан.

Таа посочи дека нејзино истражување покажало дека 94 отсто од граѓаните сметаат дека уредите произведени пред дваесет години траеле подолго.

Исто така, моето истражување како и европското истражување потврдија дека уредите најмногу се расипуваат меѓу втората и третата година, токму кога истекува задолжителната законска гаранција од две години. Затоа сум пресреќна што имаме строга забрана со високи казни од минимум четири отсто од прометот – рече Борзан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.