Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел по завршувањето на тридневната посета на Либан, својата турнеја низ Блискиот Исток од синоќа ја продолжи со престој во Саудиска Арабија.

Како што соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), предвидено е Борел да има средби со високи претставници на Саудиска Арабија, вклучително и со министерот за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан, како и генералниот секретар на Советот за соработка во Персискиот Заливот, Јасем Мохамед Албудаиви.

– Мисијата следи по неговата посета на Либан и е дел од ангажманот на високиот претставник Борел со регионалните партнери за унапредување на дипломатските напори за создавање услови за постигнување праведен и траен мир меѓу Израел и Палестина и во регионот. Посетата ќе биде искористена да се разговара за сите аспекти на ситуацијата во и околу Газа, вклучително и нејзиното влијание врз регионот. Борел ќе се осврне и на загрижувачката ескалација на состојбата во Црвеното Море, се наведува во најавата на ЕЕАС.

Теми на разговорите на Борел со неговите саудиски домаќини ќе бидат и билатералната соработка меѓу ЕУ и Саудиска Арабија, како и регионалните приоритети во рамките на партнерството на Унијата со Советот за соработка во Персискиот Залив.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.