Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Хозеп Борел, предупреди дека земјите-членки на Унијата не треба да го провоцираат рускиот претседател, Владимир Путин, затоа што тој може да ги прошири своите воени активности со напад врз некоја од земјите-членки на НАТО.

Од една страна се обидуваме да ја поддржиме Украина, од друга страна се обидуваме да спречиме голема војна. Никој не треба да го провоцира Путин затоа што може да ги прошири своите воени активности. Може да биде против земја членка на НАТО или некоја друга земја. Има сериозна загриженост за тоа. Путин ќе продолжи да напаѓа, а ние мора да ја изолираме Русија од меѓународната заедница, мора да ја поддржиме Украина – истакна Борел за „Си-ен-ен“ Турк.

Коментирајќи ја апликацијата на Украина за членство во ЕУ, Борел истакна дека процесот за пристапување де факто веќе е почнат.

Украина побара членство и ние веднаш рековме да. Да, велиме дека Украина припаѓа на европското семејство. Ова е очигледен факт и географски и историски. Да, има некои процедури (за членство во ЕУ), но ние го почнавме овој процес – изјави Борел.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.