Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, уште еднаш предупреди на глобалниот недостиг од храна поради војната во Украина, која е еден од најголемите светски производители на жито, бидејќи житото поради борбите не може да се извезува, да се жнее или да се сади.
„Има недостиг од храна и тоа ќе продолжи. Кога ја има, таа е скапа, многу поскапа отколку што многу луѓе можат да си дозволат“, рече Борел на прес-конференција по состанокот на министрите за развој на ЕУ.
„Ако (засегнатите луѓе) трошат повеќе средства за храна, имаат помалку за образование и здравје, а тоа ќе ја продлабочи сиромаштијата и нееднаквоста“, нагласи Борел.
Министрите на ЕУ одлучиле да поддржат повеќе од 70 партнери за да ја подобрат отпорноста и одржливоста на нивните системи за храна со цел да ги зголемат нивните прехранбени капацитети на среден рок, рече високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност.
„Ги повикуваме нашите партнери да не ја ограничуваат глобалната трговија со земјоделски производи“, додаде Борел.
Тој исто така нагласи дека причината за претстојната криза со храна е руската инвазија на Украина, а не санкциите на ЕУ кон Русија, како што тврди Кремљ. Русија во моментот го блокира извозот на 20 милиони тони жито од Украина, пред сè во Северна Африка и Азија, наведе германската влада, според која тоа предизвика раст на цените.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.