Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро не го призна поразот на изборите, но сепак го овластил началникот на Генералштабот на бразилската армија да го покрене процесот на трансфер на власта.
Во кусото обраќање, прво од поразот на изборите пред два дена, Болсонаро воопшто не ги спомна изборните резултати, но истакна дека ќе продолжи да ги почитува правилата на Уставот.
Болсонаро ја загуби неделната изборна трка со тесна разлика, освојувајќи 49,1 отсто од гласовите наспроти 50,9 отсто колку што освои противкандидатот на левицата, Лула да Силва.
Тоа беше најнеизвесната претседателска трка од враќањето на бразилската демократија во 1985 година, како и првпат Болсонаро да загуби избори во неговата 34-годишна политичка кариера, вклучувајќи ги тука и седумте трки за мандат во Долниот дом на бразилскиот Парламент.
Изминатите денови неговите поддржувачи блокираа стотици платишта низ Бразил, а Врховниот суд и нареди на полицијата веднаш да ги отстрани блокадите. Полицијата соопшти дека досега отстранила 306 блокади, но дека се уште има повеќе од 260 блокирани сообраќајници.
Стравувањата од ескалација на ситуацијата се зголемија, кога левичарското „Движење без земја“, инаку клучен сојузник на Да Силва, упати повик до своите активисти да организираат демонстрации и да ги блокираат патиштата.
Болсонаро ужива широка поддршка од полициските сили, а Работничката партија на Да Силва го обвини Болсонаро дека во кампањата ја ангажирал полицијата да создава сообраќаен метеж и да ги одвраќа луѓето да гласаат на денот на изборите. Видео-снимки објавени преку социјалните мрежи покажуваат дека имало случаи властите да запираат автобуси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.