Анатолиј Чубаис, архитектот на руските постсоветски економски реформи, се откажа од функцијата специјален пратеник на Кремљ и ја напушти земјата поради војната во Украина,. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков потврди дека Чубаис дал оставка.

Ова е протест на досега највисоката личност во руската хиерархија против инвазијата.

Чубаис, кој некогаш беше шеф на кабинетот на поранешниот претседател Борис Јелцин, ја напушти функцијата специјален претставник на Владимир Путин за врски со меѓународните организации, изјавил за Ројтерс еден од изворите запознаени со ова прашање.

Тој беше назначен на функцијата и задолжен за „постигнување на целите за одржлив развој“, во 2020 година, неколку дена откако поднесе оставка како шеф на државната технолошка фирма РУСНАНО, со која раководеше од 2008 година.

Изворите, кои сакале да останат анонимни, рекле дека Чубаис си заминал поради конфликтот во Украина. Тој нема намера да се врати во Русија, изјавил еден од изворите.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за руската агенција РИА новости потврди дека Чубаис поднел оставка на функцијата, додавајќи дека тој тоа го сторил по сопствена волја.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.