Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, изјави дека писмениот одговор на Вашингтон на барањата за безбедносни гаранции на Русија го отвора патот за дипломатско решение на кризата, доколку Москва го сфати сериозно, како и дека САД се обидуваат да спречат воена ескалација против Украина.

Блинкен изјави дека документот, доставен до Русија, содржи „принципиелна и прагматична“ проценка на руските барања, додавајќи дека одговорот е целосно координиран со Украина и европските сојузници на Вашингтон.

Генерално, ова претставува сериозен дипломатски пат напред, доколку Русија одлучи да го стори тоа – изјави Блинкен, додавајќи дека очекува разговорите со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, да продолжат во наредните денови.

Блинкен додаде дека одговорот на САД на руските барања го одразува ставот на Вашингтон дека е отворен за дијалог и претпочита дипломатија, но дека се зависи од Русија и нејзиниот одговор.

Тој предупреди дека САД ќе бидат подготвени во секој случај.

Претходно официјален Вашингтон јасно стави до знаење дека не доаѓа во предвид исполнувањето на руските барања НАТО да ги повлече трупите и оружјето од Источна Европа и да и забрани на Украина некогаш да се приклучи на Алијансата. САД, исто така, порачаа дека се подготвени да разговараат и за други теми, како што се контрола на оружјето и мерките за градење доверба.

Во односите на Русија со НАТО и САД постојат високи тензии откако Русија на границата со Украина стационира околу 100.000 војници, при што негира дека планира инвазија.

Блинкен порача и дека нема да има промена во ставот на САД за политиката на отворени врати на НАТО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.