Белгија отфрла 96 проценти од поднесените барања за азил откако во февруари беше воведена забрзана постапка за оценување на документите, јавуваат локалните медиуми.

Промените овозможуваат властите брзо да ги разгледуваат барањата за кои нема основа за подетално оценување. Се наведува дека ваквиот пристап е предвиден и во новите европски правила за миграција.

Промените кои допрва треба да се имплементираат предвидуваат забрзано разгледување на барањата поднесени од државјани на „безбедни земји“ каде нивниот живот не е загрозен.

Земјите од ЕУ имаат право сами да утврдат кои земји ги сметаат за „безбедни“.

Новото европско законодавство предвидува барањата што имаат мала веројатност за одобрување да бидат оценети во рок од 12 недели.

Белгија воведе рок од 50 работни дена за овие случаи, а засега забрзаната постапка се применува за барања од државјани на Молдавија, Албанија, Косово, Конго, Грузија и Индија.

Се истакнува дека проширувањето на обемот на забрзаната постапка во Белгија е дел од преговорите за идната федерална владина коалиција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.