Кина поседува шпионска база на Куба најмалку од 2019 година во глобалните напори на Пекинг да ги зајакне своите способности за собирање разузнавачки информации, изјавија денеска од Белата куќа откако Пентагон извештајот на Волстрит журнал за изградба на таква база го отфрли како неточен.
Во извештајот од четвртокот се вели дека Кина ќе ја користи базата за следење американска електронска комуникација како имејл, телефонски повици и сателитска трансмисија, но и за регистрација на пловидбата на бродовите од американска страна.
Од Белата куќа додаваат дека администрацијата на Бајден презела мерки да се спротивстави на експанзијата на безбедносното влијание на Кина на глобално ниво.
Соопштението, за кое Белата куќа наведува дека е засновано на неодамна декласифицирано разузнавање, следи по извештај на Волстрит журнал објавен во четвртокот во кој се вели дека Кина склучила договор со Куба на островот да гради станица за електронско прислушување. Официјални лица изјавија за весникот дека Кина, како дел од преговорите за ова, планирала да плати на Куба, која се наоѓа во тешка економска положба, милијарди долари.
По објавата, Белата куќа соопшти дека статијата на весникот е неточна, но не даде дополнително објаснување. Денеска, пак, оттаму кажаа: „Ова е тековно прашање и не е нешто ново, а аранжманите окарактеризирани во известувањето не се согласни со нашето разбирање“.
Како што е посочено, откако дошла на власт во јануари 2021 година, администрацијата на Бајден била брифирана за кинеските напори за воено и разузнавачко ширење на глобално ниво, вкучувајќи проекти во Атлантскиот Океан, Јужна Америка, Блискиот Исток, Централна Азија и тихоокеанско-пацифички регион.
Ова вклучува и планови за „објекти за собирање разузнавачки информации“ во Куба, што според соопштението, биле надградени во 2019 година.
– Ова е добро познато во разузнавачката заедница. Таа (Кина) ќе се обидува да го засилува своето присуство во Куба, а ние ќе работиме тоа да го осуетиме. Мислиме дека НРК не е таму каде тие се надеваа да бидат“, се наведува во соопштението.
Разузнавачките податоци за плановите на Кина во Куба се појавија во изминатите недели и биле исто така споделени и со членови на комитетите за разузнавање во Конгресот.
Републиканскиот конгресмен од Охајо, Мајк Тарнер изјави дека со ова соопштение Белата куќа си противречи самата на себе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.