Американскиот претседател Џо Бајден им рекол на партнерите во Г7 и во НАТО дека ракетната експлозија во источна Полска била предизвикана од украинска ракета за противвоздушна одбрана, рекол извор од НАТО за Ројтерс.

Експлозијата, во која загинаа две лица, го вклучи алармот низ целиот свет дека конфликтот во Украина може да се прелее и во соседните земји.

Украина ја обвини Русија. Русија негираше дека нејзините проектили ја погодиле Полска.

Бајден на новинарите во Индонезија им рече дека ракетата најверојатно не била испукана од Русија.

Соединетите Држави и земјите од НАТО целосно ќе истражат пред да дејствуваат, рече Бајден во Индонезија по средбата со други западни лидери на маргините на самитот на големите економии на Г-20.

На прашањето дали е премногу рано да се каже дали проектилот бил истрелан од Русија, Бајден рече: „Постојат првични информации што го оспоруваат тоа. Не сакам да зборувам додека не го истражиме целосно, но малку е веројатно според патеката на лет да е испукан од Русија, ама ќе видиме“.

Доколку се потврди, ова најверојатно ќе ја ублажи загриженоста дека првиот смртоносен инцидент во НАТО-членка од почетокот на војната во Украина може да доведе до ескалација, вели Ројтерс.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека ниту еден од неговите проектили не погодил поблиску од 35 километри од полската граница и дека фотографиите од остатоците покажуваат елементи на украинска ракета за противвоздушна одбрана С-300.

Амбасадорите на НАТО одржуваат итен состанок за експлозијата во објект за сушење жито во близина на границата со Украина, која се случи додека Русија со голем број проектили ги напаѓаше градовите низ Украина.

Некои западни лидери рекоа дека кој и да ја истрелал ракетата, секако е одговорна Русија.

Тие истакнаа дека, каков и да е исходот од таа истрага, инвазијата на Путин во Украина е целосно виновна за сегашното насилство“, соопшти кабинетот на британскиот премиер Риши Сунак по средбата меѓу Сунак и канадскиот премиер Џастин Трудо.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.