Американскиот претседател Џо Бајден, директно обраќајќи му се на својот украински колега Володимир Зеленски, ја пофали храброста на Украинците.
Бајден, на почетокот на разговорот со Зеленски во Белата куќа, рече дека Соединетите Американски Држави остануваат посветени на давање поддршка во напорите на Киев да се одбрани од руската инвазија.
Вашата храброст го инспирираше светот. Решени сме да покажеме дека стоиме со вас и да се погрижиме светот да биде со вас, рече американскиот претседател.
Зеленски, од своја страна, истакна дека Украина многу ја цени помошта на САД во борбата против рускиот терор и рече дека ќе разговараат за потребите на Украина со посебен акцент на воздушната одбрана.
Денеска сум во Вашингтон за да ја зајакнам нашата способност да ги браниме украинските деца, нашите семејства, нашите домови, слободата и демократијата во светот, додаде Зеленски.
По средбата во Белата куќа, Бајден изјави дека првите американски тенкови Абрамс ќе и бидат доставени на Украина следната недела, пренесува Хина.
Тој, исто така, рече дека Вашингтон наскоро ќе испрати втора батерија за противвоздушна одбрана „Хоук“ од Рејтеон и соодветната опрема во Украина.
Зеленски му се заблагодари на Бајден за новиот пакет воена помош од 325 милиони долари во оружје и противвоздушна одбрана, велејќи дека тоа е токму она што сега им треба на украинските војници. Украинскиот претседател соопшти дека тој и Бајден се договориле за конкретни чекори за проширување на извозот на жито од Украина соочени со руската блокада и тензиите со соседна Полска.
Украинскиот претседател претходно разговараше со американските сенатори Џон Кенеди, Рон Вајден, Мејси Хироно и Том Карпер по средбата со сите членови на Сенатот во салата на Стариот Сенат, за време на посетата на Капитол.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.