Поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш и пензионираниот генерал Петр Павел одат во вториот круг од претседателските избори во Чешка, што ќе се одржи на 27 и 28 јануари

Во првиот круг Бабиш освои 36,72 отсто од гласовите, Павел 33,73 отсто, додека трета беше економистката Дануше Нерудова со 13,79 отсто по пребројани 80 отсто од гласовите, објави чешкиот Завод за статистика.

Претседателската функција нема извршни овластувања, но чешките претседатели имаат значајна улога во назначувањето на премиерот, уставните судии, шефот на централната банка и имаат право еднаш да го вратат законот во Парламентот. Тие имаат ограничени овластувања во надворешната политика и се команданти на војската.

Во предизборните анкети водеа Павел и Бабиш, а во вториот круг меѓу двајцата блага предност му се дава на Павел.

Право на глас имаат 8,3 милиони гласачи, а вториот круг од изборите се очекува за две недели.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.