Најмалку 40 лица се потврдени како загинати кога авион со 72 лица, меѓу кои 10 странски државјани, се урнал во близина на градот Покара во западниот дел на Непал, соопштија портпаролите на армијата и аеродромот.
Стотици спасувачи продолжуваат да го пребаруваат ридското место на несреќата, каде што се урна авионот на Јети ерлајнс од главниот град Катманду.
Спасувачките операции се во тек. Времето е ведро“, изјави портпаролот на Непалската агенција за цивилно воздухопловство, Јаганат Нирула.
Државната телевизија на Хималаите покажа црн чад како се издига од местото на несреќата и спасувачките екипи околу остатоците.
Во авионот АТР 72 на Јети ерлајнс од Катманду имало 72 лица, меѓу кои две деца и четворица членови на екипажот. Во авионот се наоѓале пет индиски, четворица руски, еден ирски, двајца јужнокорејски, еден австралиски, еден француски и еден аргентински државјанин, изјави претставник на аеродромот во Непал.
На социјалните мрежи е објавено видео снимено само неколку моменти пред трагедијата. На него се гледа како пилотот ја губи контролата над леталото и само неколку секунди подоцна се слуша како авионот удира во земјата.
Авионот бил стар 15 години, според веб-страницата за следење летови „ФлајтРадар“.
АТР 72 е авион со широка употреба, заеднички произведен од француската компанија Ербас и италијанската компанија Леонардо. „Јети ерлајнс“ поседува вкупно 6 авиони ATР72-500, според нивната веб-страница.
Авионските несреќи не се невообичаени во Непал, дом на осум од 14-те највисоки планини во светот, вклучувајќи го Еверест, каде што времето може нагло да се промени и да создаде опасни услови.
Непалскиот премиер Пушпа Камал Дахал свика итен состанок на владата по несреќата, се вели во соопштението на владата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.