Земјите членки на Арапската лига синоќа повикаа на итен прекин на израелските напади врз Појасот Газа

На вонредниот состанок во Каиро вчера, министрите за надворешни работи на 22-те земји предупредија и на „катастрофалните“ хуманитарни и безбедносни последици од интензивирањето на конфликтот.

Израел започна одмазда против Хамас, кој многу земји го сметаат за терористичка организација, откако милитантите на групата ја нападнаа земјата во саботата, убивајќи 1.200 луѓе. Сличен број на Палестинци досега се убиени.

Во завршната изјава на состанокот на Арапската лига се вели дека е неопходно заживување на мировниот процес и „отпочнување сериозни преговори меѓу Палестинската ослободителна организација (ПЛО), како единствен легитимен претставник на Палестинците, и Израел, со цел да се постигне фер и сеопфатен мир“.
Земјите-членки, исто така, ги осудија убиствата и нападите врз цивилите од двете страни, според заменик-претседателот на Арапската лига Хосам Заки. Хуманитарната помош, храната и горивото мора итно да бидат пуштени во Газа – рече тој.

Арапскиот свет е поделен околу конфликтот меѓу исламистичкиот Хамас и Израел.
Додека Обединетите Арапски Емирати и Бахреин ги нормализираа односите со Израел, земјите од Заливот Катар, Кувајт и Оман го обвинуваат Израел за ескалацијата.
Ирак, исто така, ја истакна поддршката за палестинскиот народ. Саудиска Арабија побара итен прекин на насилството, а во исто време предупреди да не се „лишат палестинскиот народ од неговите легитимни права“.
Земјата води трилатерални преговори со Израел и САД за нормализација на односите меѓу Ријад и Тел Авив. Аналитичарите веруваат дека овој ескалирачки конфликт им нанесе тежок удар на тие разговори за нормализација



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.