Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пристигна во Њујорк каде ќе учествува на седниците на Советот за безбедност на ОН, соопшти денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

„Сергеј Лавров пристигна во Њујорк. Утре ќе има седница на Советот за безбедност на ОН со негово претседавање“, напиша таа на својот канал на Телеграм, пренесува агенцијата ТАСС.

Захарова додаде дека неговиот лет за САД го следеле рекорден број луѓе, односно над 700.000 го следеле движењето на авионот преку апликацијата Flightradar.

Шефот на руската дипломатија денеска ќе се сретне со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш. Постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензја, претходно изјави дека Русија „има многу теми за разговор“.

Лавров ги покани и највисоките дипломати на неколку земји, вклучително и американскиот државен секретар Антони Блинкен, да учествуваат на седниците на Советот за безбедност на ОН со кои претседава Русија.

Според шефот на руската дипломатија, Москва е подготвена да размисли за средба со Блинкен и никогаш не одбива сериозни предлози од американската страна за дијалог. Но, средбата се уште не е договорена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.