Министерството за одбрана на Русија денеска соопшти дека американскиот дрон MQ-9 паднал во Црното Море поради остар маневар, како и дека руските ловци не отвориле оган врз американското летало, ниту имале каков било контакт со него.

Во соопштението се наведува дека американското летало ги нарушило границите на подрачјето на режимот за користење на воздушниот простор над Црното Море, поради што биле испратени руски борбени авиони да го пресретнат.

Како што наведува Министерството, дронот со исклучени транспондери летал во насока на руската граница во регионот на Крим, пренесува РИА Новости.

Во соопштението се наведува дека поради остро маневрирање, американскиот дрон летал неконтролирано, изгубил височина и паднал во водата.

Европската команда на американските вооружени сили соопшти претходно денеска дека американски дрон MQ-9 се урна во Црното Море по судир со руски борбен авион Су-27 во меѓународниот воздушен простор над Црното Море.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс изјави дека рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, денеска е повикан во Стејт департментот по инцидентот со американското беспилотно летало кое се урна во Црното Море.

Тој додаде дека САД директно комуницираат со руската страна на високо ниво за да го пренесат својот став во врска со инцидентот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.