Албанија ќе биде првата земја кандидат за членство која ќе ги отвори пристапните преговори според изменетата методологија за проширување, соопшти унгарското претседателство со ЕУ.

Во Луксембург денеска ќе се одржи втората меѓувладина конференција меѓу Албанија и Европската унија (ЕУ), на која ќе бидат отворени преговорите.

Кластерот 1 опфаќа фундаментални реформи и го отвора патот за почеток на преговори за поглавјата од другите кластери.

Првиот кластер, наречен „фундаментални прашања“, ја претставува најважната област имајќи предвид дека содржи поглавја поврзани со демократските институции, владеењето на правото, судството, политичките и економските критериуми, реформата на јавната администрација, јавните набавки, финансиската контрола и статистиката.

По воведувањето на ревидираната методологија за пристапни преговори во 2020 година, поглавјата од преговорите беа поделени во шест тематски групи, односно кластери, и тоа: фундаментални прашања, внатрешен пазар, конкурентност и инклузивен раст, зелена програма и одржливо поврзување, ресурси, земјоделство и кохезија и надворешните односи.

Албанија аплицираше за членство во ЕУ во април 2009 година и доби статус на кандидат во јуни 2014 година. Во јули 2022 година, ЕУ ја организираше првата меѓувладина конференција со Албанија.

Македонија која изминатите неколку години заедно со Албанија се движеше на патот кон ЕУ, останува во чекалната поради неисполнетиот услов за внесување на Бугарите во македонскиот Устав, на којшто се согласи претходната власт.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.