Ал Џезира денеска го обвини Израел за смртта на новинарката која беше убиена додека известуваше за израелски напад на Западниот Брег.

Како што е наведено, Ширин Абу Аклех, позната палестинска новинарка, била погодена со куршум во главата и набргу потоа починала.

Уште еден палестински новинар кој работи за Ал Кудс со седиште во Ерусалим е ранет, но е во стабилна состојба.

Катарската телевизија го обвини Израел и во соопштение објавено на својот канал ја повика меѓународната заедница „да ги осуди и да ги смета израелските окупаторски сили одговорни за намерното таргетирање и убиство на колешката Ширин Абу Аклех“.

На видеото од инцидентот се гледа како Абу Аклех носи син заштитен елек на кој јасно пишува „ПРЕС“.

Израелската армија соопшти дека нејзините сили биле цел на силен оган и експлозиви за време на операцијата во Џенин и дека возвратиле.

Се додава и дека „армијата го истражува настанот и ја испитува можноста новинарите да биле погодени од вооружени Палестинци“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.