И по 4 месеци од вселувањето, општина Центар на станарите од новоизградена зграда не им обезбедила пристап до гаражата, иако и за самиот објект и за пристапот до него уредно се добиени сите дозволи и е постапувано по ДУП.
Во редакцијата на „Република“ пристигна поплака од станарите на новоизградената зграда на ул. „Тетовска“ бр.40, во строгиот центар на Скопје, дека, и по 4 месеци од вселувањето, општина Центар не им обезбедила пристап до нивната подземна гаража.
Станарите од соседната зграда имаат нелегално поставено рампа на државно земјиште која го оневозможува пристапот до новоизградениот објект и одбиваат да ја тргнат.
Со проблемот е запознато и општинското раководство, но досега не постапиле кон рушење на бесправно поставената препрека. И по неколку состаноци со градоначалникот и стручните служби на Општината и дадените, од нивна страна, ветувања дека ќе се реши, станарите сè уште не можат да ја користат сопствената гаража.
Ништо не бараме освен да се спроведи законот и актите на Општината, кои надлежните не сакаат да ги спроведат, велат станарите, додавајќи дека нивното трпение е при крај.
Доколку проблемот не се реши во најкраток рок, велат, ќе бидат приморани своите права да ги заштитат преку правосудните органи. А доколку бидат приморани своите права да ги бараат во судска постапка, пак, покрај одговорност за Општината и одговорните лица, ќе бараат Општината да им ги надомести сите трошоци настанати поради оневозможен пристап до влезот од зградата.
„Република“ побара одговор од градоначалникот Герасимовски и Општина Центар што се превзема за да се реши овој проблем, зошто досега не е постапено кон рушење на нелегално поставената рампа и уште колку време граѓаните нема да може да паркираат во гаражата за која веќе платиле.
Оттаму велат дека градоначалникот Горан Герасимовски одржал неколку средби со жителите кои живеат во овој дел од општината и заеднички се изнаоѓаа решенија за состојбата со дивоградбите.
Од Секторот за инспекциски работи веќе беа на терен, извршени се увиди и направени се записници за фактичката состојба. Рампата во наредниот период ќе биде отстранета и жителите ќе можат непречено да паркираат во гаражата, велат од Центар.
Но, градоначалникот Герасимовски за истото веќе се пофалил на неговата фејсбук-страница уште пред два месеца.
Меѓутоа, ниту рампата е урната, ниту проблемот решен, ниту станарите можат да си дојдат дома.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.