Општина Кисела Вода, во соработка со Министерството за здравство и Програмата за спроведување на превентивни прегледи за рана дијагностика на пречки во развојот на слухот, говорот и гласот кај децата, од денеска почна со активност во сите градинки на територија на општината.

-Со превентивни прегледи кои ги врши стручниот тим од ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација ќе бидат опфатени децата од четири до шестгодишна возраст. По откривањето на евентуални аномалии, лекарите ќе ги контактираат родителите и  по потреба ќе им предложат дополнителни консултации со логопед и дефектолог, соопштуваат од општинската прес-служба.

Раното откривање и третман на пречките во говорот и слухот, како што е посочено во соопштението, значително придонесуваат кон нивното успешно отстранување и полесно интегрирање на децата во образовниот систем.

-Пречките во говорот и слухот можат значително да влијаат врз развојот на детето, неговата социјализација и когнитивни способности. Оттука, уште поголема е важноста на ваквите превентивни прегледи, посебно во период пред почнувањето со одење во училиште, се наведува во соопштението.

Од Општина Кисела Вода велат дека вложувањето во оптимални услови за развој и раст на децата претставува значаен предуслов за градење на здрави и успешни личности кои се идните носители на општествените процеси.

Фото: Општина Кисела Вода



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.