Градот Скопје заедно со градските јавни претпријатија и во координација со Oпштина Чаир од денеска ја реализираат големата пролетна работна акција на подрачјето на општина Чаир. Екипите координирано до крајот на оваа недела ќе спроведуваат активности за рачно и машинско метење и миење на булеварите и улиците, дезинфекција на контејнерите, собирање кабаст отпад, санирање на оштетувања на коловозите, обновување и поставување на сообраќајната сигнализација, садење нови садници и уредување на зеленилото, санации на пријавени дефекти и проблеми од граѓаните, целосно чистење на атмосферските и фекалните линии, како и прочистување на дождовните сливници на булеварите и на градските улици.
Во големата пролетна работна акција во Чаир на терен координирано работат екипи на градските јавни претпријатија: Комунална хигиена, Паркови и зеленило, Водовод и канализација, Улици и патишта и Дрисла.
Екипите на ЈП Комунална хигиена на целата територија спроведуваат активностите за рачно и машинско метење и миење на булеварите и на улиците, како и миење и дезинфекција на контејнерите и на микролокациите на кои се поставени.
Во рамките на оваа голема акција, ЈП Комунална хигиена постави и специјални садови за кабаст отпад на неколку локации, каде што граѓаните ќе можат да го остават, по што тој бесплатно ќе биде подигнат и транспортиран на соодветна локација од ова градско претпријатие.
Жителите на општина Чаир својот кабаст отпад ќе можат да одложат на следниве локации:
1. Булевар Цветан Димов, на крстосницата со улица Коста Абрашевиќ;
2. Улица Ферид Мурад, до училиштето „Цветан Димов“, кај Топлана Север;
3. Улица Крсте Асенов бр. 5 (до чајџилница „Пајтон“);
4. Улица Втора македонска бригада, на крстосницата со улица Дижонска (кај контејнерите);
Со пролетната акција на ЈП Паркови и зеленило во општина Чаир ќе биде опфатено зеленилото по должината на булеварите Крсте Мисирков, Цветан Димов, Христијан Тодоровски-Карпош, како и на улиците Македонско-косовска бригада, Втора македонска бригада и Кемал Сејфула.
Екипите од Секторот дрвореди по Решенијa издадени од Секторот за комунални работи на Град Скопје, реализираа кастрење на 30 дрвја на булеварот Цветан Димов на потегот од Јаја-пашина џамија до маркетот Веро.
Исто така, на посочената локација преостанатите екипи го средуваа зеленилото, односно косеа тревна површина и собираа откос, кастреа грмушки, собираа лисја, хартија и отпадоци.
Јавното претпријатие Водовод и канализација во општина Чаир за време на акцијата ќе работи на булеварите Крсте Мисирков, Цветан Димов, Никола Карев и на улицата Македонско-косовска бригада. Екипите на терен ќе вршат рачно чистење на сливници, рачно чистење на шахти (атмосферски и фекални) и миење со цистерна со вакуум и цистерна под притисок на атмосферските и фекалните сливници и шахти.
Денеска на булеварот Никола Карев извршена е контрола на 15 шахти, рачно се исчистени седум шахти, 80 сливници, миење на канализациона линија од140 метри со цистерна со вакуум и прочистување на 170 метри со цистерна под притисок.
ЈП Улици и патишта во текот на акцијата во Чаир ќе работат на булеварите Христијан Тодоровски Карпош и Цветан Димов, како и на улиците Џон Кенеди и Лазар Трповски.
Екипите на ЈП Улици и патишта денеска ги санираа оштетувањата во асфалтот (со претходно машинско гребење) на булеварот Христијан Тодоровски Карпош, кај општинската зграда на Чаир, со површина од 40 квадратни метри. На овој булевар е извршена контрола и обнова на недостатоците на вертикалната сигнализација, а исправени се и четири сообраќајни знаци.
Јавното претпријатие Дрисла во рамките на пролетната акција во Чаир ќе го прима, складира и депонира комуналниот отпад, градежниот шут и другите видови отпад што ќе се собира на територијата на општината.
Пролетната акција во општина Чаир почна денеска, 18 април, и ќе трае до 22 април, а потоа екипите на јавните претпријатија ќе продолжат со работа во наредната општина што е планирана, каде што на терен ќе ги продолжат активностите на точно утврдени локации по примерот на општина Кисела Вода, Карпош, Аеродром, Гази Баба и општина Чаир.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.