Паметам едно поубаво Скопје, иако сум помлада генерација, многу поубаво Скопје. Некако како да исчезна духот на градот и воопшто не сметам дека Скопје го заслужува тоа. Можеме да видиме насекаде смет, насекаде темници, пустелија, истакна претседателката на Либерално-Демократската партија (ЛДП) Моника Зајкова во интервјуто за „Слободен печат“.
Таа нагласи дека навечер на скопскиот плоштад не можете да видите граѓани како се движат, туку само темнина и бездомни кучиња.
На плоштад да излезете навечер освен темница и бездомни кучиња не можете да видите граѓани кои се движат, ниту може да почувствувате некаква хармонија и го нема оној скопски дух и скопски шарм што го имаше порано, потенцираше Зајкова.
Таа, ги посочи останатите европски метрополи како добар пример за тоа како треба да изгледа градот, особено во пресрет на божиќните празници. Скопје, како што посочи, за жал е далеку од метропола иако можеше да биде многу повеќе.
Колку и ние да се вадиме на финансиите треба да учиме од примерите на другите држави бидејќи гледаме дека европските метрополи направија туристички атракции од тие божиќни маркети, гледаме колку тоа влијаеа на економскиот раст и развој. Зошто и Скопје да не биде таква атракција и да не го користи својот потенцијал, да направи убава приказна и да привлече туристи кои што ќе дојдат и ќе го запознаат градот, и пред се ќе придонесат за нашата економија, наведе претседателката на ЛДП.
Таа посочи дека загаденоста на воздухот одамна е горлива тема, истакнувајќи дека за тоа сите некако имаме одговорност што и како ќе се презема.
Не смееат градските власти да молчат или да го негираат тоа бидејќи статистиките покажуваат дека сме можеби втор најзагаден град. За жал се уште немаме никакви механизми за справување со загадувањето, рече Зајкова.
Претседателката на ЛДП нагласи дека одлуките кои ги носиме како граѓани се многу важни, односно на кого му даваме шанса да го води градот.
Се надевам дека скопјани ќе ја научат својата лекција и дека ќе бираат помудро, инаку сега ова можам да го кажам еднострано, бидејќи не знаеме што се случува внатре во Градот Скопје и со какви бариери внатре се расправаат, но не смее поради политички превирања градот да стане пустелија, а гледаме дека оди натаму. На крај сметката ја плаќаме Ние скопјаните!, заклучи Зајкова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.