ЈП „Водовод и канализација” – Скопје соопшти дека почнува со активности кои вклучуваат промоција на материјали од едукативен карактер со новиот слоган на претпријатието, кој гласи „Водата е живот, квалитет кој трае”, чија основна цел е подигнување на свеста за значењето на водата и нејзината правилна и рационална употреба.
По повод 22 Март – Светскиот ден на водата, кој годинава се одбележува под мотото „Подземни води – правење на невидливото видливо”, од ЈП „Водовод и канализација” – Скопје информираат дека ја поддржале иницијативата на Здружението за третман на води и отпадни води на Македонија ЗТВ-МК и Друштвото за геотехника на Македонија при Градежниот факултет – Скопје.
Иницијативата за реализација на овој проект, како што се посочува, е поддржана од ЕУ Делегацијата, Министерството за животна средина, амбасадите на Швајцарија и Германија, Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), Европската Асоцијација за води и „5+ Фамилија”.
Во рамки на овој проект, сите основни училишта на територија на град Скопје добиваат донација на едукативни постери, кои се однесуваат на значењето на подземните води, процесот на дистрибуција на водата за пиење од изворот Рашче и кружниот тек на водата, како и видео материјал со едукативно-информативен карактер.
Од ЈП Водовод и канализација потенцираат дека во рамки на одбележување на Светскиот ден на водата влегуваат и активностите кои се однесуваат на презентација на дел од наодите од „Студијата за подземните води во скопскиот регион” изработена во нивна соработка со УНДП, Градежен институт Македонија – ГИМ и Град Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.