Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска ја посети детската градинка „Орце Николов“ во Општина Карпош, и воедно направи увид во градежните работи на новиот објект- доградба на постојната градинка.
„Посетата на градинката „Орце Николов“, покрај дружбата со децата ја искористив и за увид во градежните работи на новиот објект кој се наоѓа во истиот двор, а е поврзан со постоечкиот објект преку топла врска. Со доградбата на градинката обезбедувамe зголемување на опфатот на деца за дополнителни 100 нови места, за деца на возраст од 5-6 години, со што градинката „Орце Николов“, добива капацитет за вкупно 280 деца од предучилишно образование. Предвидени се четири нови занимални, кои ќе бидат опремени со нови дидактички материјали, мебел и опрема соодветна за возраста на децата, “рече Тренчевска.
Таа информираше дека, изградбата на новиот објект е врз основа на одобрен грант на кој аплицирала Општина Карпош, а кој се реализира преку Проектот за подобрување на социјалните услуги на Министерството за труд и социјална политика, поддржан од Светска банка. Предвидените работни активности треба да бидат завршени крајот на месец август 2022 година, по што ќе биде овозможен влез на нови деца. Вредноста на инвестицијата за нејзината доградба е 23 милиони денари.
Министерката потенцираше дека, грижата за најмладите, децата останува високо на агендата на Владата и Министерството за труд и социјална политика.
За тоа потврдува посветената работа преку која, до крајот на 2022 година, Министерството има предвидено, отворање на 13 градинки/објекти со вкупен капацитет за 1.360 деца и уште 15 градинки чија изградба во тек, а кои се планирани да се отворат во 2023 година со вкупен капацитет за 1.905 деца, рече Тренчевска.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски изрази задоволство и поддршка на проектите кои се во насока на подобрување на условите на живот на жителите на оваа општина. Во таа смисла ја истакна потребата и од обезбедување на нови просторни услови за згрижување на деца од предучилишна возраст, а со изградбата на новиот објект значително ќе бидат задоволени потребите на Општина Карпош.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.