Ние за жал плаќаме струја по енормно високи цени. Договорот со фирмата добавувач е завршен на 31 август минатата година, од тогаш наваму во овој временски период имало една јавна набавка која што била неуспешна. Во новиот буџет ние предвидовме 37 милиони денари за набавка на електрична енергија. Во постапка сме за распишување со новиот план за јавни набавки одново за избор на соодветен добавувач, па да видиме како ќе поминеме во тој дел, вели Александар Стојкоски, градоначалник на општина Ѓорче Петров во денешното гостување во емисијата „Топ тема на Ваша страна“ на телевизија Телма.

Стојкоски додаде дека енергетската криза ќе има негативно влијание врз ефикасноста на работењето и спроведувањето на проектите, објаснувајќи дека ако сметката за струја во октомври била 800.000 денари, за декември таа изнесувала 4.800.000 денари, односно 4.000.000 денари повеќе.

Во дело на кризата ќе ви објаснам најпластично. Ако плаќавме 800 илјади денари до октомври, сега последната сметка ни беше околу 4 милиони и 800 денари, тоа се 4 милиони плус месечно. Сега не знам каква ќе биде сметката за јануари се уште ги немаме добиено овие пресметки, но верувам дека повторно ќе оди тоа во нагорна линија. Што за нашиот буџет по однос на приливите кои што ги имаме како општина Ѓорче Петров и како можност за собирање на прилив во самиот момент претставува огромен проблем кој што сигурно ќе се одрази на ефикасноста на работењето и спроведување на одредени проекти – кажа тој.

Стојкоски посочи дека на седницата на ЗЕЛС со заеднички став на општините до владата доставиле предлог мерки за помош, но до денеска не добиле ниту одговор ниту пак предлог решение или сугестија.

Имавме два состанока на ЗЕЛС. Уште на првиот состанок со заеднички став се обративме до владата со предлог мерки со кои што би сакале они да ни помогнат. Но, за жал не добивме никаков повратен одговор од таму, ниту предлог решение, ниту пак сугестија како да постапиме во време на постоечката енергетска криза. Сега за сега не ја добиваме поддршката од старана на централната власт, би сакал тоа да се промени бидејќи тоа е во интерес на сите – порача Стојкоски.

На прашањето кои се дел од мерките кои што ги предложиле, Стојкоски истакна дека станува збор за субвенционирање на разликата помеѓу тоа што се плаќало претходно и сега, како и тоа училиштата и градинките да се стават на регулиран пазар, укажувајќи дека како општина единствено што може да направат е да бидат максимално штедливи.

Имаше предлог да се субвенционира разликата помеѓу тоа што се плаќаше претходно и она што е разлика, имаше предлог она што го собираме како комунална такса за јавно осветлување целосно да иде за исплаќање, односно по таа цена да се наплаќа уличното осветлување, имаше предлог училиштата и градинките да се стават на регулиран пазар бидејќи тие се непрофитабилни организации, работата со деца, дури и општините како субјекти да ги вратиме на регулиран пазар можеби најмногу би ни помогнало во дадената ситуација. Како општини пак ние од наша страна единствено што можеме да спроведеме е максимално да бидеме штедливи и евентуално да преминеме кога веќе нема да имаме друг излез кон рестрикции на јавното осветлување. Иако никој од нас не сака да се доведеме до ситуација тоа да го направиме бидејќи со тоа би ја загрозиле безбедноста на жителите, на учесниците во сообраќајот – вели Стојкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.