Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, за „Утринска на Телма“ изјави дека градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска не игра конструктивно, додавајќи дека Арсовска не е коректна и нема соработка со неа.

Стојкоски посочи дека градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ изборите ги добиле врз основа на програмите за општините, а функционираат со сопствени средства или средства кои самите ги набавуваат.

Сите како градоначалници на општините, изборите ги добивме врз база на она што го имавме понудено како програма и решенија за проблемите на граѓаните во нашите матични општини. Ние имаме тековни проекти кои тековно се реализираат и проекти кои се реализираат со наши обезбедени средства или средства обезбедени од наша страна како донации или дотации од ЕУ, Светска банка, и се насочивме во обезбедување на приходи преку апликација за проекти, изјави Стојкоски.

Во врска со соработката со централната власт, Стојкоски посочи дека тоа оди постојано на туркање и централната власт постојано кочи проекти кои се во интерес за сите граѓани на општината,

Од централната власт имаме повеќе проблеми во делот на функционирање со министерствата кои се поврзани со локалната самоуправа. Имаме две училишта кои се во изградба, во реконструкција која постојано се пролонгира, имавме проблем во делот на поврзување на едното училиште во системот на централно парно греење што е обврска на МОН, имаше проблем во делот на ставање на употреба на новата детска градинка во Хром. Со владата цело време се се пролонгира, вели Стојкоски.

Во врска со долговите кои ги наследи од претходниот градоначалник, Стојкоски посочи дека финансиската состојба се уште не е идеална бидејќи се враќаат долговите, а проблем создава и енергетската криза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.