Точно знаев во што влегувам и точно ги знаев проблемите на граѓаните бидејќи јас сум дел од нив и во постојана комуникација со нив. Влеговме плански и системски во самата општина, односно програмата од изборите ја преточив во програма за работа на општината и сите проекти кои се во програмата да влезат во годишните програми на секторите, изјави градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски во „Што не јасно“ на Алфа телевизија.

Стефковски истакна дека е задоволен од сработеното во изминативе 6 месеци и тоа впрочем го гледаат и граѓаните и посочи дека уште во првите 100 дена излегол со отчет за сработеното, а веќе сега после 6 месеци видливо е дека Гази Баба постојано се гради и менува и се делува во сите области.

– За изминативе 6 месеци асфалтиравме улици во должина од над 2000 метри, поставиме пешачки патеки во должина од над 3,5 километри. Сметката на општината во моментов е ликвидна, чесно и домаќински ако се работи може да се реализира она што го имаме ветено во нашата програма. Не треба да се жалиме , граѓаните ни дале доверба ние се соочуваме со предизвиците и посветено да го реализираме ветеното, рече Стефковски.

Стефковски посочи дека кога станал градоначалник затекнал администрација која не одела на работа и посочи дека за тоа веќе има постапки до надлежните институции.

– Имавме ситуација со рационализација на администрацијата затоа што имавме лица кои што се водеа на платен список во општината и јавните претпријатија кои не се појавиле на работа, односно 25 лица кои биле на платен список, а не се појавиле на работни места и за нив има постапки, нагласи Стефковски.

Тој посочи дека и покрај тоа што СДСМ не го поддржа буџетот на општината, за прв пат во Гази Баба се издвоени ставки за капитални инвестиции и за прв пат не се трошат пари за ручеци и репрезентации.

– Со ребалансот за прв пат во историјата на општината се издвојуваат средства за капитални инвестиции, односно сите трошоци за репрезентација и коктели кои му се овозможени се на градоначалникот и администрацијата се сведени на минимум односно се избришани како ставки. Не се случува како претходно да се трошат по 5 милиони за службени ручеци и репрезентации, јас во овој период откако сум градоначалник немам користено репрезентација ниту се злоупотребуваат службените возила за приватни цели, истакна Стефковски.

Тој додаде дека СДСМ не поддржале да се пренаменат средства за капитални инвестиции во патна инфраструктура, изградба на две градинки, субвенции за реконструкција на лифтови, како и летен камп за децата од општината.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.