Претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески е изненаден од односот на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, но како што вели во интервјуто за Локално, во кариерата се сретнал со секакви карактери и успеал да се приспособи и на карактерот на Арсовска за градот да работи беспрекорно.

Искрено, не очекував дека состојбите ќе ескалираат до овој степен. Градоначалникот Арсовска во изминативе неколку недели на прашања на новинари и на нивно чудење во неколку наврати истакна дека немала комуникација со претседателот на Совет на град Скопје од самиот почеток на мандатот затоа што „немало прашања за кои можела да се консултира“. Во досегашната кариера сум сретнал разни карактери и се приспособив на нејзиниот однос и Советот до сега работеше многу ефикасно. По цели две години организирање седници по електронски пат од самиот почеток преминавме на седници со физичко присуство. Советот и советниците беа до таа мера ефикасни што во изминатите десет месеци се одржани и целосно завршени 18 седници, на кои е дебатирано и се донесени одлуки по сите точки предложени од градоначалник и од советниците.

Очекувам Советот и во иднина да работи ефикасно. Единствената разлика е во тоа што градоначалникот Арсовска ќе го нема комодитетот што го имаше до пред извесно време позади себе да има стабилно мнозинство во Советот што ги поддржуваше сите нејзини предлози, иако понекогаш советниците имаа дилеми дали да го дадат својот глас за одреден предлог. Таа на чуден начин се откажа од тоа мнозинство и според гласањето по неколку точки од дневниот ред на последната 18-та по ред седница се виде дека од вкупно 45 советници таа има поддршка од само еден советник (од партијата ГРОМ). Мнозинството во Совет на град Скопје, предводено од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Обнова на Македонија, ќе ги поддржи сите проекти од програмата „За модерно Скопје“ со која Арсовска победи на минатогодишните локални избори, во најголема мера со гласовите што ѝ ги обезбеди ВМРО-ДПМНЕ, вели Славески.

Тој не смета дека е време за предвремени локални избори иако Арсовска ја загубила довербата и од партијата поради која победи на изборите.

Се надевам дека градоначалникот Арсовска конечно ќе разбере дека нејзината работа би била јалова без соработка и поддршка од членовите на Совет на град Скопје. Во спротивно, Советот има голем број квалитетни и активни советници, од мнозинството и од опозицијата, кои се подготвени да предлагаат иницијативи и да носат одлуки, се разбира во рамките на програмата „За модерно Скопје“, кои градоначалникот и сите институции во надлежност на градот ќе мора да ги спроведуваат.


Повеќе ТУКА



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.