Денеска, Сојузот на спортови Скопје, по повод ослободувањето на градот Скопје организираше свеченост со доделување на награди 13 Ноември на спортисти, тренери, спортски новинари и организации кои изминатава година постигнале одлични резултати и придонеле за развој и унапредување на македонскиот спорт во различни категории.

На свеченоста што се одржа во Спортскиот центар Јане Сандански беа доделени 9 награди на предлог на Комисијата за награди и признанија и со одлука на Управниот одбор на Сојузот.

Наградата 13 Ноември – Спортист се додели на кик боксерот Бобан Илиоски за освоеното прво место во дисциплината лоу кик – 87кг на ВАКО Европското првенство за сениори во Анталија, Турција што се одржа од 11-ти до 20-ти ноември 2022 година. Илиоски е член на Кик бокс клубот Шампион од Скопје.

Наградата Тренер се додели на Игор Паскоски од Џудо клуб Миоки – Скопје и селектор на сите селекции на Џудо репрезентациите на Македонија во изминатите години. Паскоски е врвен натпреварувач, како тренер има 16 медали од Балканските првенства, 5 медали од кои 2 златни од Континенталните Купови и еден медал од Е.П на Хамза Јашари. Во моментов, Џудо Клуб Миоки е на прво место на ранг листите во Македонија.

Наградата за спортски презентер и новинар и беше доделена на Јана Серафимова Петровска од телевизија Телма. Петровска е автор на спортската емисија „Фер Плеј со Јана“, која има исклучителен придонес во известувањето на спортистите и нивните резултати, како и спортски настани што се одржуваат во Македонија.

Сојузот на спортови Скопје додели награда на организацијата Црвен Крст на Град Скопје за огромната поддршка и соработка во сите спортски настани во Скопје. Црвениот крст со подготвените екипи на терен имаат огромен придонес во развој на Виз Ер Скопскиот Маратон, Авицена Женска Трка, Халк Еко Скопје Трча и Дуатлон натпревари, Прв до врв и уште многу други.

За спортски работник – судија наградата 13 Ноември и беше доделена на Ивана Пројковска. Таа е меѓународна судијка во фудбал со 20 годишно искуство. Пројковска е дел од елитната група на судии од декември 2021 година и една од најдобрите 20 судијки во Европа, прва Македонка назначена да суди на финален натпревар од европското првенство – Европско првенство за жени до 19 години во 2019 година, две Европски првенства за жени до 17 и 19 години. Исто така, таа е и прва женска судијка што судела на натпревар од прва македонска фудбалска лига, но и на машки меѓународни фудбалски натпревари.

Наградата спортски работник за животно дело, Комисијата за награди и признанија ја додели на одбојкарот Владимир Богоевски. Својата кариера ја почнува како одбојкар во Студент, а потоа и во Вардар во седумдесетите години, освојувајќи двократна шампионска титула во СФРЈ. Најголемиот успех како тренер го освојува со Сон Амар од Палма де Мајорка каде стигнува до второ место на купт ЦЕВ. Две децении, Богоевски е спортски директор во Македонскиот Олимписки Комитет.

За спортски работник, исто така награден е и Зоран Карановиќ којшто е долгогодишен признат одбојкар со богата спортска кариера. Од 1991 година до денес, тој е генерален секретар на Одбојкарската Федерација на Македонија. Карановиќ има огромни заслуги како организатор на домашната лига, но и на врвни меѓународни натпревари одржани во Македонија.

Средното училиште на Град Скопје „Никола Карев“ доби награда 13 Ноември за освоени врвни резултати на Европските првенства за средни училишта. Оваа гимназија освои прво место во кошарка – мажи на европски првенства за средни училишта во изминатата сезона.

Професорот по физичко образование, спорт и здравје од ООУ 25 Мај од Скопје Јетон Муслиу доби награда за професор во основно училиште за придонес и развој на училишниот спорт во Скопје.

Наградите 13 Ноември се доделуваат повеќе од 50 години по повод ослободување на градот Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.