Новоименуваниот директор на ЈП Водовод и канализација Марјан Митовски ги потврди позициите на Златко Перински, кого Данела Арсовска го разреши затоа што одби да ја промени Комисијата за евалуација на тендерот за пречистителната станица, реагира ВМРО-ДПМНЕ. Во изјава за медиум Митовски потврди дека не може да се смени комисијата и дека постапката си тече непречено.

Марјанчо Митовски кадарот на Арсовска ја демантира самата неа. Директорот потврди дека не може да се спроведе замислата на Арсовска за менување на Комисијата. Впрочем ова го посочи и Европската инвестициска банка која го кредитира и води проектот, кога застана во одбрана на ставовите на претходниот директор Перински.

Сега кога Арсовска е оставена сама со своите каприци, останува нејасно зошто го разреши Перински, врз кого вршеше притисок да ја промени Комисијата за тендерска евалуација? Кој беше мотивот на Арсовска да го загрози процесот? Дали водена од истите свои бесмислени ставови ќе наложи разрешување и на сегашниот директор Митовски кој самата го именуваше?

Арсовска треба да се соземе и да прифати дека со проекти финансирани со европски пари не може да се однесува самоволно и деспотски. Постојат правила и принципи кои се претходно утврдени.

Веројатно ќе сфати дека позицијата градоначалник на Скопје е многу одговорна позиција. Данела Арсовска наместо со кавги и каприци, треба да се зафати со реализација на ветувањата заради кои ја избраа граѓаните и заради што е платена со народни пари, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.