На денешен ден пред 79 години Скопје е ослободено од фашистичката окупација. За Скопје да стане слободно 426 борци го дадоа својот живот. На вакви денови кога ги славиме славните битки и слободата, и кога им оддаваме почит на жртвите вреди да се потсетиме на оној славен аманет оставен на потомците за да си ја ценат слободата, бидејќи не знаат колку скапо ги чинело тоа претходните генерации, изјави Борис Шамбевски, претседател на Градскиот комитет на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Па да видиме колку го почитуваме овој аманет. Ние како ГК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ со овој симболичен марш сакаме да укажеме дека Скопје денес по 79 години повторно е окупиран, но не со оружје и странски војски, туку со неспособна администрација, тотално нефункционален градски превоз, валкан е, небезбеден, нема соодветна културна понуда, ноќниот живот е претворен во кичерајски натпревар помеѓу мафијашите кои се обидуваат да покажат кој има повеќе црни пари.

 

Скопје е универзитетски град со распаднати студентски домови и универзитети кои никаде не се рангирани, Скопје е за жал седиште на Владата која е најнеспособна во историјата на Македонија. Скопје за прв пат во 79-годишната историја на слободна Македонија гледа како сопствената Влада ја уништува државата што треба да ја раководи.

 

Скопје го окупираа мафијаши, Скопје го окупираа нивните слуги, Скопје го окупираа црни пари и белосветски криминал, Скопје има градоначалничка на која не и е гајле за Скопје, Скопје има градоначалничка која не знае што прави и каде се наоѓа.
Доста е!

 

Ние го сакаме Скопје, но не вакво, ние го сакаме Скопје слободно, го сакаме Скопје функционално, го сакаме Скопје со нови студентски домови, го сакаме Скопје чисто, го сакаме Скопје со јавен превоз кој е функционален, го сакаме Скопје во кое ноќниот живот ќе има понуда за сите вкусови, го сакаме Скопје кое ќе биде седиште на Влада која ќе се грижи за македонските интереси!

 

Затоа што ја сакаме Македонија,
затоа што го сакаме Скопје Слободно!

 

Важно е Македонија да ја ослободиме од неспособните власти, од нефункционалната и неефикасна јавна администрација, од корумпираните индивидуалци, од оние што го корумпираат здравството, од оние што ја корумпираат полицијата, од оние што ги корумпираат судовите, од оние што го корумпираа образованието, од оние што го корумпираа системот и од оние што слугуваат на туѓи интереси.

 

Важно е да се ослободиме од корумпираните и од оние коишто корумпираат. Само така ќе оддадеме почит на нашите предци кои го дадоа животот за нашата слобода.

 

Затоа што ја сакаме Македонија,
Затоа што го сакаме Скопје слободно!, порачува Шамбевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.