Општина Аеродром и оваа година го продолжува проектот „Бесплатен таблет за сите“. Со сопствени средства обезбедени од буџетот на општината, секој ученик кој посетува настава во четврто одделение ќе добие бесплатен таблет-уред за полесно совладување на наставата.

Ова на својот Фејсбук профил го објави градоначалникот Тимчо Муцунски, кој истакна дека Општина Аеродром започна постапка за набавка на 900 таблети кои на почетокот од следната учебна година ќе бидат поделени на учениците од четврто одделение.

Одлуката ја носиме водејќи се од идејата дека секое дете заслужува шанса да успее и да биде во тек со наставата и новите технологии. Наша обврска е без разлика на социјалниот статус, да обезбедиме еднакви услови за успех на сите ученици и во време на дигитална трансформација да го модернизираме образованието, информира Муцунски.

Општина Аеродром е првата општина која покрај разните образовни, спортски и рекреативни содржини, на најмладите им нуди нов интерактивен начин во процесот за поддршката на едукација. Истовремено, покрај можноста за најмладите да стекнат нови вештини, проектот претставува и сериозно финансиско олеснување на буџетот на семејствата во Аеродром.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.