Жители од скопската општина Шуто Оризари денеска ќе протестираат пред Град Скопје поради, како што велат, систематското игнорирање на општината од страна на Советот и раководството на Градот.

Протестот се организира на денот на општината Шуто Оризари и како што информираат организаторите, ќе почне во 18 часот во паркот кај големата џамија во Шуто Оризари со крајна дестинација пред Град Скопје во 19:30 часот.

Под слоганот „Шуто Оризари – Заборавена општина!“, граѓанитена протестот ќе го искажат своето незадоволство од недостатокот на паркови, зелени површини и булевари во Шуто Оризари, проблемот со нередовни линии од јавниот превоз и стари автобуси, како и недоволниот број на вработени Роми во градската администрација.

Очекуваме пораките, потребите и барањата кои ќе бидат пренесени пред Град Скопје да бидат сериозно слушнати и вметнати итно во градските политики на град Скопје кои ќе бидат преточени во реализирани проекти во Општина Шуто Оризари и во сите скопски населби каде што живее Ромската заедница – велат организаторите.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.