Родители на деца од градинката „Детска радост“ во писмен допис до медиумите велат дека се згрозени од одлуката на министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска да ја врати старата директорка Анета Петровска на функција, откако таа беше првично разрешена од градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски поради пронајдени бројни злоупотреби и нерегуларности во нејзиното работење.

Родителите вечерва ќе одлучуваат како следно ќе постапат и дали ќе бојкотираат.

Во продолжение го пренесуваме нивното соопштение до јавноста:

„Почитувани новинари,

Почитувана Министерка за труд и социјална политика,

Ние родителите на децата кои секојдневно се згрижуваат во детската градинка Детска радост во клоновите во Автокоманда и Железара ЗГРОЗЕНИ сме од донесената одлука на Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска повторно да ја именува разрешената директорка Анета Петровска за директор на градинката на нашите деца.

Јавно ја прашуваме Министерката Тренчевска:

Дали почитувана Министерке, Вие би ги пуштиле Вашите деца и Вашите внуци да посетуваат градинка која ја води директорка за која изминатиот еден месец во јавноста видовме документи и докази за сторено кршење на многу закони?

Дали почитувана Министерке, Вие би дозволиле за Вашите деца да се грижи некој што не почитува Закон во неговата работа?

Зошто почитувана Министерке, преку грбот на нашите деца ги спроведувате Вашите политички битки? Зошто откако ги одземавте надлежностите, не именувавте друго лице за директор на градинката, туку ја вративте разрешената директорка?

Почитувана јавност,

Нашите деца не се предмети па со нив да си поигрува Министерката, општината ниту пак било кој.

Изразуваме СЕРИОЗНА ЗАГРИЖЕНОСТ за нашите деца кои од утре треба да ги пуштиме да посетуваат градинка која ја води директорка која во својата работа секојдневно прекршувала Закони.

Ја известуваме јавноста за следното:

Ние родителите за вечерва имаме закажано средба на која ќе ги дефинираме следните чекори.

Сериозно размислуваме за повик за бојкотирање, односно не носење на нашите деца во просториите на детската градинка и исполнување на напишаното од првото писмо, односно носење на нашите деца пред зградата на Министерството за труд и социјална политика со цел Министерката да се грижи за нив.

Сериозно размислуваме за организирање на протести со цел заштита на сигурноста на нашите деца која според нас во овој момент е нарушена.

Бараме поддршка и разбирање од сите граѓани на општина Гази Баба. Бараме поддршка и разбирање од сите родители на деца, бидејќи знаеме какво е чувството да незнаеш на кого го оставаш своето дете!

Во текот на вечерта, преку соопштение до јавноста ќе информираме за следните чекори кои ќе ги преземеме.

Со почит,

Родители на деца од градинката Детска радост“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.