Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски, вечерва пред средбата со приватните превозници, изјави дека целта е да се предложи решение за проблемот со автобускиот превоз. Тој нагласи дека ќе дискутираат за нивните барања и се надева дека за еден час по средбата ќе има решение што ќе го реши проблемот со превозот во Скопје.
– Пред малку бевме во контакт со приватните превозници и се договоривме за средба во Град Скопје. Целта е да се најде решение за нивните проблеми, изјави Стојановски.
На прашањето дали предложеното решение е во врска со барањето за зголемување на цената за километар, Стојановски одговори дека прво ќе ги слушнат предлозите на превозниците и потоа ќе излезат со свој предлог.
– Прво ќе ги слушнеме нивните предлози и потоа ќе понудиме решение, рече Стојановски, додавајќи дека како советници ќе направат сè што е во нивна моќ за да им помогнат на приватните превозници и да се реши проблемот, без политиканство и заткулисни игри.
Претставникот на приватните превозници, Јовица Зафировски, изрази надеж дека средбата ќе биде конструктивна и дека ќе се најде решение за нивните проблеми.
– Се надеваме дека ќе имаме конструктивна средба и ќе ги изложиме нашите предлози, рече Зафировски, додавајќи дека ќе видат што ќе се предложи на средбата.
Независната советничка Ирена Витина, пак, информираше дека се собрани 17 потписи за свикување на вонредна седница на Советот на Град Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.