Министерот Зоран Љутков очекува дека три-четири месеци ќе потраат процедурите за да може Министерството за култура и туризам законски да го гради објектот на Универзалната сала.

Како што рече Љутков во Дневникот на ТВ Сител, нивните правници и надворешните консултанти работат на тоа законски да го донесат правото на пренесување на проектот од Град Скопје во Министерство за култура и туризам.

Мора да се направи промена на закони, има пет-шест чекори кои треба да се направат. Тоа можеби ќе потрае три-четири месеци… Проектот е во ред, не го оспоруваме, немаме ништо против изведувачот кој досега ги изведувал работите, во првата фаза, рече Љутков.

Министерот посочи дека изведувачот можеби нема да биде ист и за втората фаза од проектот, која е стопирана.

Значи, повторно ќе се распише тендер, бидејќи проектот не е целосно затворен. Во проектот го нема уредувањето на платото и го нема мебелот во Универзална сала. Ќе побараме да се направи и тоа за да имаме проект „клуч на рака“, рече министерот.

Љутков соопшти и дека помеѓу првата и втората фаза се уште немаат извештај за настанатата штета, немаат пресек што е направено и ја немаат проценетата вредност на вкупниот објект.

Министерот за култура одговори потврдно на прашањето дали гарантира дека Скопје ќе има нова Универзална сала до 2028 кога треба да биде Европска престолнина на културата, со оглед на процедурите што претстојат.

Подобро да оди побавно,, но легално „и така како што треба“. Ако продолжиме вака, јас носам кривична одговорност и ќе бидам оспоруван и нема да го имаме проектот ни до 2028 година кога Скопје треба да биде Европска престолнина на културата, додаде министерот.

Љутков соопшти дека за 20-ина дена Министерството за култура треба законски да го преземе секторот туризам кој досега беше дел од Министерството за економија.  Потоа ќе почнат да работат на програмата за туризам за 2025 година, како и на заедничкото работење односно промоција на културниот туризам.

Љутков додаде дека кога ќе го преземат целиот ресор кај нив, ќе почнат да работат на стратегија за туризам.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.