Актуелната состојба во јавниот превоз пред сè е крах, а не криза. Јавниот превоз е актуелна тема не само деновиве, туку во изминативе неколку години. Градоначалничката и раководството треба да се освестат час поскоро. Проблемите само се надополнуваат, не се решаваат – смета министерот за локална самоуправа, Златко Перински.

Во своето гостување за Алсат, Перински вели дека не е проблемот само ЈСП, поради што е потребно системско решение. Посочува дека Владата одвои нафта од државните резерви како итна мерка, но ја коментира и нефункционалноста на голем дел од автобусите. Владата интервентно пак ќе реагира, но, нагласува дека јавниот превоз во градот е исклучиво належност од локален карактер и владата нема никакви ингеренции. Одговорноста е на Град Скопје и ЈСП.

Нам ни треба системско решение. И проблемот не е само ЈСП. Не е проблемот на една основа, тој е на сите основи. Влегуваме во зимските месеци, знаме дека ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег кој допрва доаѓа. Тоа се премногу натрупани проблеми, кои некој во иднина треба системски да ги решава. Скопје во моментов се бори за живот, очајно му треба инфузија, а потоа и долготрајна терапија. Треба јасна и конкретна визија, долгорочен план за раст и развој на градот. Владината интервентна мерка за јавниот превоз е мерка за крахиран систем. Тоа е само залекување на рани. Не е системско решение. Немаме функционален систем, на Скопје му е потребна долгорочна стратегија за раст и развој – вели Перински.

Тој додаде дека се разгледувала и можноста за изземање на надлежностите на Град Скопје во однос на јавниот превоз, но во постојното законско решение, во законот за локална самоуправа и законот за Град Скопје надлежностите се строго утврдени и неделиви. Треба дополнителни соодветни интервенции во други закони за да може да се пристапи до вакво решение. Скопјани, вели Перински, не се должни да го трпат овој хаос.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.