Централниот регистар не му дава согласност на ЈП „Водовод и канализација“ освен со својата основна дејност – снабдување со вода и отстранување отпадни води – да се занимава и со производство на електрична енергија преку фотоволтаични централи, тврди директорот на претпријатието Златко Перински, иако Советот на Град Скопје веќе даде согласност за измена на статутот на претпријатието во делот на производство и дистрибуција на електрична енергија.

Директорот на претпријатието Златко Перински на последната седница пред градските советници посочи дека е загрижен поради тоа што, како што рече, наидуваат на пречки од централната власт.

Пред две седници сите заедно овде на мое огромно задоволство донесовме едногласна одлука за измена на статутот на претпријатието во делот на производство и дистрибуција на електрична енергија. Но, кога сакавме да ја спроведеме оваа измена, Централниот регистар не ни ја прифати измената на тековната состојба со образложение дека производството на електрична енергија не е комунална дејност. Замислете, не е комунална дејност. ЈП „Водовод и канализација“ не смее да ја пише во тековната состојба, а истиот Централен регистар во јавното комунално претпријатие во Кочани ја има пишано, рече Перински.

Според него, постојат двојни аршини и тоа за многу солиден проект, кој треба секоја власт да го стимулира во насока на производство на еко-енергија, која е приоритет за секоја власт.

Се соочуваме со момент каде што имаме светска енергетска криза, правиме сѐ што можеме да направиме да произведуваме наша сопствена еко-енергија за потребите на претпријатието, почнуваме да бараме средства за физибилити студии, да штедиме ресурси, а не да трошиме и уважените господа од Централен регистар не ни даваат да ја спроведеме одлуката едногласно донесена од Советот на Град Скопје, реагираше директорот на ЈП „Водовод и канализација“.

Управниот одбор на претпријатието кон крајот на декември донесе одлука за измена на Статутот на ЈП „Водовод и канализација“ со образложение дека за непречено извршување на основната дејност на месечно ниво троши 1.850.000 киловат-часови електрична енергија, која во најголем дел се користи за работа на пумпните и хлоринаторските станици што обезбедуваат дотур и притисок на вода во водоводната мрежа, како и за работа на фекалните пумпни станици. Потрошената струја на месечно ниво, го чини претпријатието околу 10 милиони денари.

Како што е познато, во тек е реализација на капиталниот проект за изградба на пречистителна станица за отпадни води, со што треба да се реши деценискиот проблем со прочистување на отпадните води на територијата на градот и околината. Во рамките на технологијата на прочистување на отпадните води, како што наведоа од ЈП „Водовод и канализација“, ќе се произведува и биогас од кој ќе се добива електрична енергија. Производството би било наменето само за сопствени потреби за да се намалат трошоците кои претпријатието ги плаќа за потрошената струја.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.