Панорамските автобуси кои беа купени за туристичко разгледување на Скопје се вклучени во јавниот превоз. ЈСП „Скопје“ се соочува со недостаток на возила, па затоа за да се пополнат линиите, пуштени се и панорамските двокатни автобуси. Но, и покрај тоа, во јавниот превоз, кој моментално се одвива по летен возен ред, недостасуваат автобуси. Проблемот ќе биде поголем од септември, кога со почетокот на учебната година почнува и зимскиот возен ред, за кој се потребни повеќе автобуси.
Директорот на ЈСП „Скопје“, Драги Кушовски, во интервју за МИА потврди дека во моментов сообраќа недоволен број автобуси за пополнување на возниот ред.
„Возниот ред се менува во зависност од тоа со колку автобуси располага ЈСП на дневна основа. Претпријатието се соочува со недостиг од 40 автобуси за пополнување на летниот возен ред. Во моментов, ЈСП располага со околу 190 автобуси, а за да биде пополнет летниот возен ред, потребни се 235“, вели Кушовски.
Тој признава дека Град Скопје и ЈСП „Скопје“ без помош од централната власт не можат да го решат проблемот и затоа ја повикува да излезе во пресрет за обнова на возниот парк на ЈСП, бидејќи од септември ќе фалат многу повеќе автобуси.
„Се надевам дека институциите ќе најдат сили да му помогнат на ЈСП, бидејќи со овој возен парк со кој располагаме не можеме да го покриеме постоечкиот зимски возен ред. Правиме некои оптимизации во рамките на претпријатието, не знам дали ќе имаме доволно време да се почне со оптимизации на возни редови и не знам дали ќе имаме доволно време да ги направиме до 1 септември, бидејќи секоја оптимизација на возен ред мора да помине преку Советот на Град Скопје“, рече Кушовски.
Со доаѓањето на функција на градоначалничката Данела Арсовска јавниот превоз во главниот град е пред колапс. Постојано нема доволно автобуси на улиците, па патниците со саати чекаат на станиците. Приватните превозници одбиваат да возат бидејќи не им се плаќа, а шоферите од претпријатито обвинија дека автобусите се неисправни, па поради тоа се случуваат сообраќајни несреќи.
Арсовска дојде на функцијата со ветувањето за бесплатен автобуски превоз за сите граѓани и нови 250 еколошки автобуси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.