На 29 ноември, согласно владината одлука државата администрација во Скопје, ќе работи со скратено работно време до 12 часот, а на 30 ноември ќе биде неработен ден поради одржувањето на Министерскиот состанок на ОБСЕ.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во гостување на МРТ говореше за логистиката и безбедноста на делегациите која мора да биде на високо ниво, а воедно и гарантирањето на нормалното функционирање на државата во овој период.

Граѓаните секако ќе имаат можност да се движат. Секако дека ќе има отежнато движење, посебно во Центар и во Карпош, таму каде што ќе се одржува целиот настан. Дел од улиците ќе бидат затворени. Се предвидува улиците по коишто ќе се движат делегациите, пред се улицата „Илинденска“ на потегот од Владата до Сити мол, како и „8ми Септември“ на потегот од Хубо маркет па се до „Партизански одреди“, но во зависност од потребите можат да се затворат и други улици во одредени интервали. Апелираме до граѓаните пред се на трпение и секако, да ги почитуваат наредбите коишто ќе ги издаваат службените лица, заради тоа што е добро за сите нас и е добро за безбедно одвивање на целиот овој настан. Нема да има целосно затворање за да не може да се движат граѓаните, туку во одредени интервали и покрај отежнатото движење ќе можат да си ги завршуваат и своите обврски, објаснува министерот Спасовски.

На прашање колку МВР е подготвено да гарантира дека овој настан ќе помине во беспрекорен ред од безбедносен аспект министерот Спасовски увери дека МВР е максимално подготвено и посветено да ја гарантира безбедноста на сите делегации, а воедно да го гарантира и нормалното функционирање на државата во овој период.

Ова е голем настан, бара многу посветеност, многу ангажман, многу работа, заради тоа што, безбедноста мора да биде на едно многу високо ниво. Настанот ќе се оджи во спортскиот центар „Борис Трајковски“, се очекува да пристигнат околу 70 делегации на ОБСЕ коишто се предводени на највисоко ниво од министри за надворешни работи и луѓе коишто ќе бидат во тимовите. Некаде вкупно околу 1000 лица, претставници на делегации и партнери од ОБСЕ, од коишто 55 делегации ќе имаме од трет степен на безбедност и неколку делегации на пониско ниво, четврт и пониско ниво на безбедност. Сите активности заедно, нашиот Оддел за заштита на определени личности и објекти со сите други структури на министерството за внатрешни работи, како и со владините институции коишто се вклучени во организацијата, се подготвени да ги пречекаме овие гости и самитот да се одвива на задоволително ниво за сите нас, потенцираше Спасовски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.