Државниот завод за ревизија констатираше неправилности во работењето на Општина Карпош за 2021 година кога градоначалничкиот мандат го имаше Стефан Богоев од СДСМ, а кон крајот на ноември беше наследен од Стевчо Јакимовски од ГРОМ.

Ревизијата на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Карпош, сметка на основен буџет (637), за 2021 година покажа дека:

Општина Карпош во континуитет ангажира лица за извршување на работни задачи преку Приватни агенции за вработување. Нивниот просечен број во 2021 година е 199 ангажирани лица. Oд отстапените лица од приватната агенција 95 лица се ангажирани за вршење на редовни работни задачи предвидени со Правилникот за систематизација на работните места, додека 104 лица се ангажирани во делот на одржување на јавна чистота. Лицата биле ангажиран континуирано за период подолг од две години.

Со годишниот план за вработување во општина Карпош предвидено е во текот на 2021 година да се вработат 30 лица со што утврдивме дека бројот на привремено ангажирани лица во општината е поголем од планот за вработување за 2021 година, утврдија ревизорите.

Во 2021 година склучен е Договор за јавна набавка за отстапување на работници. Вкупната предвидена вредност изнесува 5.500 илјади денари.

Кон Договорите за отстапување на работник, склучени помеѓу Општина Карпош и Приватни агенции за вработување, со Фактурите кои општината ги плаќа кон Приватната агенција за вработувања го содржат само вкупниот бруто износ за исплата и бројот на привремено ангажираните лица, во зависност од тоа дали станува збор за исплата на лица за одржување на јавната чистота или оние за извршување на работите во општинската администрација.

Останата пропратна документација кон фактурата, во смисла на точно наведување на лицата за кои се врши исплатата на фактурата нема. Оваа состојба не е во согласност со член 12 од Закон за сметководството на буџетите и буџетските корисници со кој е регулирано дека внесувањето на податоците во деловните книги на буџетите и буџетските корисници мора да се заснова врз веродостојни, вистинити и уредни сметководствени документи, тврдат од Државниот завод за ревизија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.