Од општината Ѓорче Петров тврдат дека изнесените наводи на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, се промашени и дека никогаш нелегално не депонирале отпад кај реката Лепенец, ниту, пак, создавале диви депонии, туку, напротив, го чистеле ѓубрето.

Од Општината велат дека градоначалничката Арсовска може да провери во пунктот на Јавното претпријатие „Комунална хигена“ во Карпош, каде што јасно ќе види дека општинските служби таму го одлагале кабастиот отпад.

Во реакцијата на Општината се додава дека катастрофалното работење на јавните претпријатија, нехигиената и неуредените зелени површини, Арсовска нема да ги покрие со политички мотивирани прес-конференции.

На Арсовска ѝ порачаа, наместо да кажува „ловечки приказни“, да се погрижи за проблемите на градот, односно булеварите, воздухот, како и чекањето повеќе часови автобуски превоз, кој во согласност со нејзините заложби треба да биде бесплатен.

Градоначалничката на Град Скопје претходно го повика градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски, на морална одговорност кога на прес конференција изјави дека лице вработено во општината, негов близок соработник, создавал дива депонија на локација на реката Лепенец, на парцела од 4.000 метри квадратни на приватен имот и 5.000 метри квадратни имот на државата, во непосредна близина на пречистителната станица која ја гради општината со пари од ЕУ.

Според градоначалничката, Ситуацијата ја констатирале инспектори на Град Скопје, а Арсовска вели спречен е екоцид на територија на општината.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.