Новата цена на парното греење во Скопје ќе се определи откако ќе се санира мостот „Беласица“ и ќе се постават нови цевки. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) дотогаш нема да прави пресметки. Претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимоски изјави дека нема да се дозволи граѓаните да плаќаат повисока цена поради тоа што институциите не си ја завршиле работата и сѐ додека не се стави цевка, ќе важи ланската цена за парното греење.

„Единствен проблем се трошоците за нов цевководот, откако стариот изгоре во пожарот на мостот „Беласица“. Додека не видиме дека таму се почнати активности за поставување на нови цевки, РКЕ нема да донесе одлука за нова цена на парното. ‘Те-То’ ни е важен бидејќи 60 отсто од топлинската енергија ја обезбедуваме од него, а 40 од топланите во Скопје. Додека не видиме дека се почнати активностите, нема да донесеме одлука, кој сака нека трпи загуби, тоа е нивни проблем“, рече Бислимоски, кој додаде дека верува оти до 15 октомври, почетокот на грајната сезона, Град Скопје и ЕСМ ќе ги реализираат своите обврски на мостот „Беласица“.

Годинава кога ќе се носи одлуката за ценатата на парното во Скопје ќе се одреди една цена за сите корисници односно исто ќе плаќаат и оние кои се приклучени на таканареченото железарско парно, и оние на Топлификација Север.

Во Скопје на системот за парно греење се приклучени 63.000 домаќинства. Од нив најмногу 58.000 се на системот на ЕСМ или поранешен БЕГ, 1.900 на железарското парно и 400 домаќинства на Топлификација Север.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.