Општина Центар денеска одбележа 70 години од раѓањето на македонскиот литературен деец и еден од најпознатите дебармаалци, Горан Стефановски. Во рамки на одбележувањето на 70-тиот роденден на Стефановски во Општина Центар, на дел од фасадата на ООУ „Коле Неделковски“ се изработи мурал со ликот на Стефановски и во паркчето спроти општинските бараки се одржа краток пригоден театарски перформанс.

Одбележувањето на роденденот се затвори во малиот парк спроти општинските бараки, каде група автори: Васил Христов, Викторија Рангелова – Петровска, Русе Арсов, Ивана Павлаковиќ, Никола Настоски и Исмет Шабанович, го изведоа театарскиот перформанс со делови од драмите на Стефановски, наречен „Маалски драмски разговори“.

Новиот мурал на Стефановски, изработен од уметникот Блаже Атанасков, кој ќе го краси неговото и наше Дебар Маало е еден мој, личен симболичен гест, чија изведба му оддава почит на еден од најголемите и најпознати центарци, истакна градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

Герасимовски наведе дека семејството Стефановски води потекло токму од Дебар Маало, со кое и самиот тој беше емотивно поврзан и каде после сите претстави, патувања и гостувања, секогаш се враќаше.

Дебар Маало е и нераскинлив дел од неговото литературно творештво. За значењето на Горан не треба да се трошат дополнителни зборови. „Диво месо“, „Дупло дно“, „Лет во место’“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар Маало“, се само дел од капиталните дела, не само на Стефановски, туку и на цела современа македонска драматургија, изјави градоначалникот на Општина Центар.

Роден е на 27-ми април, во Битола во 1952 година, каде неговите татко и мајка, режисер и глумица, работеле во тој период. Стефановски разбирливо, најголемиот дел од детството го поминува во театрите, додека неговиот помлад брат, Влатко, се пренасочува кон музиката.

Добитник е на многу домашни и меѓународни награди за неговите творештво и достигнувања, меѓу кои и државната награда за животно дело во областа на науката, културата и уметноста – „11 Октомври“.

Горан Стефановски до ден денес е присутен во нашето културолошко секојдневие – книгите и расказите ги читаме и сега, а неговите драми сѐ уште се играат и во домашните, но и во театрите ширум Европа.

Во паркот, пред три години Општина Центар, заедно со семејството на Стефановски и Здружението на граѓани за зачувување и промоција на културното наследство на Горан Стефановски, засади чинар и подоцна го постави спомен обележјето со клупата на Горан. Од тогаш наваму, секоја година општината симболично го одбележува 27 април, роденденот на еден од најпознатите центарци, Горан Стефановски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.