Откако во јавноста се појави веста дека починал Ристе Трајковски, кој се грижеше за жирафите во скопската зоолошка градина, попладнево доаѓа друга лоша вест од ЗОО Скопје.

Неофицијално, пред неколку часа починала и последната жирафа во зоолошката, пишува „Фокус“.

Извори од зоолошката за „Фокус“ велат дека не можат да зборуваат официјално за настанот и угинувањето на жирафата Флопи, бидејќи не се овластени да даваат изјави за медиуми, а пак директорот Зоран Поповски не одговорил на телефонските повици на медиумот.

Како што пишува „Фокус“, низа на немили настани се случија периодов во институцијата. Од салмонела почина жирафата Каспер, со силен брзоделувачки отров беа отруени ретките пржевалски коњи, а зоолошката го изгуби и статусот за кандидат во Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми-ЕАЗА.

Една од најпосетуваните институции до пред две години, денес скопската зоолошка градина се соочува со сериозни ситуации кои ја вознемирија јавноста.

Се очекува официјално соопштение од зоолошката, по повод последните настани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.