Во основното училиште „Љубен Лапе“ во Аеродром има бојкот на наставата во шестите одделенија поради крајно некоректното, непрофесионално, неетичко и незаконско однесување и работење на наставничката по математика Анета Костовска. Таа ги навредувала и психолошки ги малтретирала учениците. Им викала дека се инвалиди и дека се грди, реагираат родители на децата кои денеска одлучија да излезат на протест и да ја бојкотираат наставата.
Родителите, во писмо до јавноста, посочуваат дека директорката, наместо да постапи согласно законските надлежности и јасните одредби во Законот за основното образование, Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта и Статутот на училиштето и да ја отстрани од настава, повеќе од три месеци како акутен проблем ги одолговлекувала и ги занемарувала барањата на Советот на родители.
Ги исцпривме сите законски можности, но реакција од надлежните нема. Наставничката по математика Анета Костоска и натаму ги учи нашите деца, а досега сме поднеле повеќе жалби за нејзиното однесување со учениците – им вика дека се инвалиди, дека се грди, ги тера да стојат 45 минути пред табла за да видат како ѝ е нејзе – велат родителите чии деца ја бојкотираат наставата во ОУ „Љубен Лапе“ во Скопје.
Обраќањето до јавноста го пренесуваме во целост:
Сакаме доследно и транспарентно да ја информираме јавноста за овој горлив долгогодишен проблем кој веќе ескалира. Второто полугодие почна со бојкот на наставата во ООУ Љубен Лапе – Скопје во шестите одделенија, поради крајно некоректното, непрофесионално, неетичко и незаконско однесување и работење на наставничката по математика, Анета Костоска. Проблем кој има име и презиме и своја историја, за кој е потребна сеопфатна анализа. Долгогодишен проблем на училиштето за кој не се преземаат никакви мерки од страна на надлежните стручни служби и директорката на училиштето заради колегијалност и ‘сожалување’ на наставничката, спротивно на воспитно-образовната дејност и спротивно на интересот на учениците, занемарувајќи го претрпеното емоционално и психичкото вознемирување на нашите деца и нивните солзи. Проблем кој опстојува со години, но за жал досега ништо суштински не е превземено за да се реши истиот.
Нашите деца, ученици во шестите одделенија во кои предава наставничката Костоска се под постојано психичко и емоционално вознемирување, без право на збор, без право да постават прашање, со недостаток на елементарна комуникација меѓу наставник и ученик, изложени на потсмев и постојан притисок и упатени навреди од страна на наставничката. Наставничката НЕ комуницира ниту со колегите, од неразбирливи, свои субјективни причини.
Во продолжение, ќе Ви отсликаме неколку реални примери каде учениците се принудувани да стојат пред табла 45 минути за да видат како ѝ е нејзе (овој случај е посведочен и од педагошко-психолошката служба на училиштето), а дел од нив нарекувани со погрдни имиња како „инвалид“ и „грдо дете кое останатите ученици не треба да го гледаат затоа што е премногу грд“. За време на часовите наместо да им дозволи да постават прашање им вели на учениците дека „сега е време да се вежба тишина“. Покрај ваквото однесување, предавањата на наставничката се крајно несоодветни, со едноставно пишување на бројки на таблата, без објаснувања и без можност за разјаснување на нејаснотиите. Сето ова резултира со исклучително ниски резултати на контролните и писмените задачи, за кои ние како родители немаме никаков увид. Резултатите се толку лоши што во едно од одделенијата на последната писмена од прво полугодие има приближно дваесет единици.
Наставничката по математика Анета Костоска грубо ги крши Стандардите за професионално однесување на наставниците во основните и средните училишта, утврдени од министерот за образование и наука, како и направени се потешки прекршувања на Етичкиот кодекс на училиштето. Законот јасно утврдува дека грубото и потешко прекршување на одредбите претставува основ за суспензија на наставникот и утврдување на одговорност.
Истовремено, директорката на училиштето, Марјана Панчевска, наместо да постапи согласно законските надлежности и јасните одредби во Законот за основното образование, Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта и Статутот на училиштето и да ја отстрани од настава, повеќе од три месеци како акутен проблем го одолговлекува и ги занемарува нашите и барањата на Советот на родители, како и задолженијата кои ги добива од Училишниот одбор, сè со цел, како и изминатите години да помине учебната година и наредната година да биде прераспределена на нова генерација, која одново се соочува со истиот проблем.
Бидејќи сметаме дека ги исцрпивме сите законски можности, започнуваме со бојкот на наставата се до исклучување на наставничката од настава по математика, поради несовесно и незаконско работење на штета на учениците, постапка која сериозно ги крши правата на децата по повеќе основи.
Ова известување нека биде апел до државните институции за ИТНО санкционирање на овие девијантни појави во образованието и заштита на интересот на учениците“ – се вели во апелот на Советот на родителите на ОУ „Љубен Лапе“ од скопската општина Аеродром.
Како што дознава „Слободен печат“ директорката на ОУ Љубен Лапе, Маријана Панчевска, си поднела оставка и пред два часа го информирала градоначалникот на о. Аеродром дека заминува од функцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.