Во големата дупка на местото на паркингот кај Холидеј Ин веќе се отцртуваат контурите на првата висококатница. Зградата полека се гради, а револтот на скопјани не стивнува. Граѓаните велат дека метрополата е натрупана со згради, наместо облакодери, сакаат зеленило.
После бурните реакции во јавноста и до сега неодговорени клучни прашања на експертите – кој дозволи бетонирање во срцето на градот, во ноември минатата година бизнисменот Зоран Антиќ и МПЦ преку заедничка фирма започнаа со изградба на еден од објектите.
Барање за Референдум, аларм од Антикорупциска за можен криминал, критики од архитекти и планери, сомнежи за злоупотреба на службената положба на претходни градоначалници на Општина Центар – ова се само дел од преписките кои му претходеа на градењето на висококатниците на паркингот наспроти ГТЦ. Деталниот урбанистички план Ц08 предвидува најпрво три згради од 16, 20 и 22 ката.
Веќе тече изградбата на висококатниците, овде на паркингот спроти Холидеј ин. Овој проект предизвика низа реакции, позитивни и негативни, од стручната фела но и од јавноста. Овде би требало да се изградат 400 станови а би живееле до 1300 луѓе.
Темата за висококатниците кај Холидеј ин се актуелизираше во април минатата година, извесно време откако Уставниот суд го укина Мораториумот на Деталниот урбанистички план донесен од 2012 година кој според реакциите, не бил во согласност со Генералниот. Тогаш Антикорупциска поднесе и пријава до Јавното обвинителство поради сомнеж за злоупотреба на службена положба на поранешни градоначалници. Во целиот тој период, експерти но и дел од советниците во Град Скопје бараа, за судбината на оваа парцела, граѓаните да одлучат на Референдум, но тогашните градоначалници на Скопје и Општина Центар – Шилегов и Богдановиќ сметаа дека немало законска основа за такво нешто, иако Законот е јасен дека може да се распише Референдум во такви услови. Општина Центар минатата година изготви и Елаборат за суспензија на планот согласно ингеренциите на поранешниот градоначалник Саша Богдановиќ, но истиот Елаборат беше одбиен од Министерството за транспорт и врски. Ова беше уште една олеснителна околност за инвеститорите кои имаа исплатено и комуналии за една од трите висококатници, која во моментов е во изградба. Инвеститорот се закануваше и со тужби ако планот би се суспендирал.
Според идејното решение, површината на градбата ќе изнесува нешто повеќе од 13 000 квадратни метри, со масимална висина од 180 метри. Планирано е да има зелени површини на сите нивоа од 3520 квадратни метри.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.