Инспекторатот за животна средина изрече парична казна за општина Аеродром и градоначалникот Тимчо Муцунски во висина од 88.000 евра во денарска противвредност поради исфрлање на отпад на јавна површина, со што се загрозува животната средина и здравјето на граѓаните, соопшти прес-службата на Град Скопје.
Посочуваат дека општина Аеродром преку компанијата „Пирамид Билдинг” ангажирана на тендер, наместо на предвидената локација во ЈП „Дрисла” го исфрлала општинскиот отпад на зелена површина, во парк во близина на управната зграда на ФФМ на бул.АСНОМ со што направиле нова дива депонија.
– Рокот за подмирување на казната е осум дена од денот на изрекувањето, во спротивно дополнително ќе се наплати. Против сите прекршители ќе бидат поднесени и соодветни кривични пријави, се наведува во соопштението.
Реагираше Општина Аеродром. Велат непознавање на законите, ниското ниво на политичка култура и политичкото ривалство кое за жал кај градоначалничката Данела Арсовска веќе е сведено на ниво на политичка омраза, оди до таму што, по нејзин налог извршителите во градот Скопје добиле насока да изречат монтирана и целосно неточна прекршочна санкција за Општината.
Наводите наведени во денешната информација доставена во медиумите, се целосна лага, смислена во центарот за креирање лажни вести и фејк кризи лоциран во бараките на Град Скопје. Потенцираме дека, до овој момент до Општина Аеродром нема стигнато никаква документација поврзан со наводите наведени во соопштението до медиумите. По евентуалното добивањето на документацијата поврзана со санкцијата, фактот дека таа е целосно неточна ќе го докажеме во соодветна законска постапка пред надлежните институции. Воедно, не ја исклучуваме можност за поведување кривична постапка до инспекторите кои изрекле ваква незаконска санкција, како и до сите одговорни лица во градот Скопје, вклучувајќи ја градоначалничката Арсовска.
Арсовска која е единствениот виновник на комуналниот хаос во градот, наместо да диригира смешни прекршочни решенија, неопходно е правниците и инспекторите кои се дел од нејзиниот тим, да ги упати на повторна едукација на Правниот факултет, каде ќе ги научат основни принципи за толкување на законот и изрекување прекршочна санкција. Воедно, самата Арсовска наместо да се занимава со наместени, паушални и конструирани постапки со кои дополнително си го намалува рејтингот приближен до „нула“ , пополезно ќе биде да посвети на проектите кои ги ветуваше пред граѓаните, како гимназијата во Аеродром, Мега паркот зад ФФМ и Иновацискиот парк зад кулите на Џевахир.
Политичката омраза, креирањето лажни постапки и паушалното пласирање скандали се карактеристика за слабите политичари и лошите менаџери и тие само очаен обид за дефокус на јавноста од реалните проблеми со кои се соочува градот. Политичкото ривалство треба да се води на цивилизиран начин, онака како што доликува на современи политичари, преку инвестиции, грижа за граѓаните и реализација на проекти. Најодговорно тврдиме дека во изминатиот период Општина Аеродром има повеќе реализирани проекти во споредба со сите проекти на Арсовска во цело Скопје.
На крајот уште еднаш потсетуваме дека, грижата за здравјето и животот на граѓаните е наш врвен приоритет, а постапувањето согласно законите единствен императив во работењето на Општина Аеродром – велат од Општината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.