Министерството за транспорт реагира на прес-конференцијата на градоначалничката Арсовска.
Сакаме да ја информираме јавноста дека ги отфрламе паушалните и лажни обвинувања на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која уште еднаш покажа дека од Градот Скопје направи нефукционална институција. Данела Арсовска да ги води политичките игри и пресметки на друго место и на други теми и да не го вовлекува Министерството за транспорт и врски во креирањето на урбанистичките планови кои согласно закон се во изворна надлежност на општините“, велат од транспорт.
Министерството за транспорт и врски не е институција која носи урбанистички планови, ниту пак се меша во просторниот развој на општните. Ако Данела Арсовска не го знае ова, нека се информира подобро од професионалци кои се занимаваат со оваа дејност. Според увидот што го направи Министерството за транспорт и врски во системот на е-урбанизам, јасно се гледа дека Град Скопје дури 72 дена не одговара на бараното мислење во однос на предметниот ДУП. Согласно член 36 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Град Скопје е должен да одговори во рок од пет работни дена од приемот на барањето во електорнска форма на системот на е-урбанизам. Доколку не одговори, тогаш се смета дека Град Скопје нема забелешки и дека е дадено позитивно мислење. Потенцираме, цели 72 дена, односно 51 работен ден Град Скопје не одговорил на барањето. Ако од Град Скопје сметале дека планот не треба да биде донесен, имале законска можност дури пет пати и 72 дена да се произнесат негативно. Исто така сакаме да информираме дека во текот на постапката, Општината дури четири пати го доставила овој план до Минисерството за транспорт и врски, од кои три пати министерството даде известување со недостатоци, додека четвртиот пат општината ги корегира сите зададени забелешки. Согласно ваквиот тек на настаните, Комисијата за урбанизам при министерството за транспорт и врски водејќи се од одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање како и од Законот за урбанистичко планирање даде согласност на ДУП-от. На крај би потенцирале дека донесувањето на Урбаниситичките планови не е постапка која ја води Министерството за транспорт и врски, туку согласно домашната легислатива носењето е во надлежност на Советот на општината, односно советниците се тие кои го гласаат или не го гласаат урабнистичкиот план. Министертвото за транспорт и врски ќе продолжи да работи согласно законите во Македонија и нема да дозволиме поединци да го вовлекуваат во евтин политички фолклор“, се додава во реакцијата на министерството за транспорт испратеа до медиумите.
Според градските власти, пак, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски со денешната реакција дополнително го потврдил сомнежот дека зад ДУП-от во општина Ѓорче Петров се кријат коруптивни и криминални интереси
Во Македонија ниту владее ниту, пак, има изгледи правото да завладее во догледна иднина, велат од Град Скопје како одговор на реакцијата на Министерството за транспорт и врски.
Иако се повикува на закон, Бочварски како министер за транспорт и врски би требало да знае дека за да стави параф на согласност на ДУП во Градот Скопје мора, односно е неопходно да добие и согласност на конечен предлог-ДУП од страна на град Скопје“, се вели во реакцијата од Град Скопје испратена вечерва.
Дополнително, додаваат оттаму, Бочварски треба да одговори зошто при барање за одобрување на ДУП-ови од страна на други општини во Град Скопје, Министерството ги препраќа да достават два, три или повеќе пати согласност од градот Скопје и не им издал одобрение, но истото не го направил и за овој ДУП од Ѓорче Петров?
Бочварски треба да одговори и зошто не постапил согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, кој во член 36 став 1 децидно вели дека согласност од Град Скопје е неопходно да биде обезбедена пред Министерството да ја даде својата согласност? Бочварски, исто така, треба да одговори зошто се повикува на непостоечка одредба за наводни рокови, во обид да ги оправда своите постапки и лажно да ги претстави како исправни, а зошто во случаи со ДУП-ови од други општини каде што неговите диригенти Заев и Мицкоски немаат интерес, не постапил на истиот начин“, стои во соопштението.
Откако денеска градоначалничката Данела Арсовска на прес-конференција рече дека Советот на Општина Ѓорче Петров, без согласност од Град Скопје, викендов на седница изгласал измени на Деталниот урбанистички план (ДУП) со кој дозволените градби на улицата „Ацо Шопов“ се драстично зголемени од пет ката плус поткровје, на 20 ката плус поткровје, попладнево со реакција излегоа од Министерството за транспорт и врски.
Оттаму рекоа дека се „паушални и лажни“ обвинувањата на скопската градоначалничка и додаваат дека, според увидот што го направиле во системот на е-урбанизам, јасно се гледа дека Град Скопје дури 72 дена не одговара на бараното мислење во однос на предметниот ДУП.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.