Првиот заменик председател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, по повод одбележувањето на 28 Јули, Светскиот ден на заштита на природата, со низа активности во парк-шумата Гази Баба, го најави официјалното започнување на кампањата: „Делувај сега, за природата!“.
Министерот Меџити, заедно со група ентузијасти и поборници за здрава животна средина, со пример покажа како треба да се развиваат позитивните однесувања во природата која што значи живот, подобро здравје, место за релаксација и одмор, а воедно е и дом на богат животински и растителен свет.
На настанот беа засадени дрвни насади, поставени канти за отпадоци, обновена е бојата на реквизитите на игралиштето, а учесниците во акцијата направија прошетка низ парк-шумата Гази Баба и уживаа во оваа зелена оаза за граѓаните на Скопје.
Гази Баба е ретко место во главниот град на државата што на урбаните заедници им овозможува зелен простор за одмор, за спортување, за прошетки и за играње на најмладите во природа и на чист воздух.
Кампањата ќе се спровдува преку различни активности во текот на целата година и има за цел да поттикне позитивни и одговорни однесувања во природа, да го поттикне волонтерството и грижата за природата, бидејќи грижата за животната средина мора да биде императив на секој од нас.
– Природата е нашето најголемо богатство и наша должност е да ја зачуваме за идните генерации – изјави Меџити најавувајќи дека во текот на едногодишната кампања ќе се спроведат низа конкретни и ефекасни активности, како што се садење на дрвни насади за обновување на зеленилото во урбаните и руралните средини на територијата на целата држава, спроведување на редовни акции за чистење на реките, шумите и парковите со масовно вклучување на заедниците и волонтерите, мотивирање на селектирањето и рециклирањето на отпадот преку развивање на добри практики и понуда на нови и соодветни инфраструктури за сепарација на отпадот, спроведување на едукативни програми во училиштата и заедниците, за подигнување на свеста за важноста на заштитата на животната средина и одржливиот начин на живот и подобрување на законодавството за животната средина преку зајакнување на постоечките закони, усвојување нови политики што ја штитат и зачувуваат природата.
– Во овој контекст, „Делувај сега за природата“ има за цел да донесе одржлива и видлива промена во начинот на кој ја третираме и управуваме нашата животна средина – истакна Меџити и ја повика јавноста да се придружи на ова важно патување и да придонесе за заштита на нашата заедничка животна средина.
– Под наше водство, уверени сме дека „Делувај сега за природата“ ќе биде успешна приказна, доказ за нашата посветеност кон животната средина и извор на гордост за секој граѓанин на оваа земја. Со мали дела, можеме да постигнеме големи промени – додаде Меџити.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.